Прескокни до главната содржина

Geely и Рено го претставија првиот LPG мотор со директно вбризгување

04.09.2025

Horse Technologies, заедничка компанија во сопственост на Geely и Renault, официјално ја започна сериската продукција на новиот HR12 LPG мотор во фабриката во Миовени (Романија).

Станува збор за првиот мотор во светот во масовно производство кој комбинира директно вбризгување на гориво и можност за користење на течен нафтен гас (LPG), надополнет со 48-волтна благa хибридна технологија.

Трицилиндричниот агрегат со зафатнина од 1,2 литри развива 140 КС при 5.500 o/min и 230 Nm вртежен момент уште од 2.100 o/min. При работа на LPG емитува до 9% помалку CO₂ во споредба со бензин, а иновативниот систем за директно вбризгување вклучува електронски испарувач и зајакнати делови на вентилската група, што овозможува поголема ефикасност и доверливост.

Моторот е конструиран така што целосно ги исполнува прописите Euro 6e и е веќе подготвен за доаѓањето на стандардот Euro 7. Благодарение на специјално дизајнираниот резервоар, вградувањето е можно во просторот предвиден за резервно тркало, без да се намали капацитетот на багажникот.

Во комбинација со стартер-генератор и DC/DC конвертор, новиот мотор овозможува функции како start-stop систем и дополнителна поддршка при забрзување, постигнувајќи оптимална рамнотежа меѓу моќноста, заштедата и еколошката прифатливост.

Годишниот производствен капацитет изнесува дури 450.000 мотори, а првите модели што ќе го користат овој мотор ќе бидат Dacia и Renault. Во компанијата Horse Technologies проценуваат дека оваа иновација значително ќе ги унапреди перформансите и конкурентноста на европскиот и глобалниот пазар.